Честитки до ученичката Ивана Богеска за наградата „Зборот на Конески“!Од 174 песни на ученици застапени во зборникот „Поетски пораки на Конески“ 14 се на ученици, поранешни деветтоодделенци во ООУ „Кочо Рацин“ Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Габриела Стојаноска-Станоеска.

Честитки до талентираните ученици: Ива Велкоска 9 б, Мила Макалоска 9б, Јована Мијакова 9б, Валентинос Бујцоски 9в, Михаил Волканоски 9 в, Давор Димоски 9 г, Ива Неделкоска 9 г, Елена Станковска 9 г, Марија Трајковска 9 г, Михаела Христоска 9 г., Дамјан Петрески 9 д, Благојче Ржаникоски 9 д, Ѓорѓи Чурлиноски 9 д.

Во родната куќа на великанот Блаже Конески во Небрегово, Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ на 7.9.2022 г. го промовираше зборникот песни насловен „Поетски пораки за Конески“.

Во зборникот се 174 првпат објавени песни на ученици од основните, од средните училишта во земјава, од студенти и од професори. Конкурсот беше отворен лани по повод 100-годишнината од раѓањето на таткото на современиот македонски јазик, поетот, научникот, писателот, професорот Блаже Конески.

Фондацијата на 20 ученици чии песни се во Зборникот им додели награди со што ја промовираше и нововостановената награда која ќе стане традиционална. Наградени се: Благојче Ристески и Марија Сервини од Битола, Христијан Арсов, Елена Кузмановска и Матеја Николова од Велес, Елена Јандреоска и Ивана Богеска од Прилеп, Валерија Андоноска од Ропотово, Билјана Митреска, Ива Каимовска, Ведрана Петрова, Ана Петаноска и Анастасија Златковска од Скопје, Немања Јорданов од Стајковци, Рахмина Куртовска од Скудриње, Трајче Баисколиев од Колешино, Александра Манушева од Муртино, Исмаил Шасивари од Тетово и Ана Витанова Рингачева од Штип.

Секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, професорот Атанас Конески,  во своето обраќање нагласи дека со младите поети се создава соѕвездие кое ѝ е потребно на големата ѕвезда на Конески.

-Колку повеќе се оддалечува со своето физичко присуство, толку повеќе Блаже Конески  ни се приближува со својата духовна големина, како „златоврв“ над Небрегово со своето епохално дело. Ова е потврда дека Конески е ѕвезда што не згаснува, но нему му треба соѕвездие. Дел од ѕвездите на тоа соѕвездие се наградените ученици, нагласи Атанас Конески.

Рецензенти на зборникот се писателката Јагода Михајловска-Ѓеорѓиевска и публицистот Мишо Китаноски.

На свечената промоција на зборникот „Поетски пораки за Конески“ присуствуваа членовите на управниот одбор на Фондацијата, од Прилепскиот завод и музеј, наградените ученици и нивните ментори.

На конкурсот да му се множат годините, на учениците песните и наградите!